beberis

Првпат по 11 години истражување на балканскиот рис, тимот на Македонско еколошко друштво успеа да слика младо од рис.

 

„Маја, женката рис што беше обележана со ГПС, нè одведе до нејзиното дувло и таму ни го покажа најскапоцениот податок до сега – здраво младо рисче. Неверојатна радост е да бидеш првиот што ќе види младо рисче“, вели Панајот Чоровски од Кичево, кој ги направи првите фотографии од младенчето балкански рис.
 

„Ова рисче е надежта што ѝ е потребна на малата популација на балкански рисови во Македонија. Се надеваме дека преку неговото следење, како и со следењето на неговата мајка, ќе успееме да ги добиеме податоците што недостигаа досега. Овие податоци ќе ни помогнат за го разбереме животот на младите рисови во Македонија, што ќе ни помогне за нивното понатамошно зачувување“, сметаат членовите на Програмата за закрепнување на балканскиот рис.

 

Инаку, статусот на балканскиот рис е критично загрозен поради фактот дека бројот на возрасните единки што се способни за репродукција е помал од 50 и според стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата, тој е на прагот пред да биде целосно исчезнат од нашата фауна. Најзначајните закани за опстанокот на рисот се: криволовот, драстичното намалување на неговиот плен и уништувањето на неговите живеалишта.

 

Фотографиите се направени од Панајот Чоровски од Кичево, претставник на Македонското еколошко друштво.