Во нашата земја постојат многу природни и историско-културни знаменитости кои го привлекуваат вниманието на туристите од целиот свет. Во продолжение се само некои од нив.
Дојранско езеро
Дојранското езеро е најмалото тектонско езеро во Република Македонија. Се наоѓа во нејзиниот југоисточен дел, заземајќи површина од 43,1 км². Западниот, поголемиот дел (27,3 км²) и припаѓа на Република Македонија, а источниот, помалиот (15,8 км²) на Република Грција. Нивото на езерото е на надморска висина од 148 метри. Тоа е плитко езеро, со најголема длабочина од 10 м и просечна длабочина од 6,7 м. Дојранското Езеро е создадено во неогено-квартерниот период и има тектонско-вулканско потекло.
Зрзе
Зрзе e село во општина Долнени, во околината на градот Прилеп. Легендата за потеклото на името на Зрзе, доаѓа од зрзорењето на реката Бојаник, по што и селото Зрзе го добива името. Големата бигорна карпа која како брош се прикачила на доломитските, мермерни и гнајсеви карпи со својот лик буди воздишки. Оваа карпа во времето на св.Климент Охридски во втората половина на IX ти век ја населиле монаси. Над древната монашка наслеба на хоризонталното плато, се наоѓа манастирот Св. Преображение Христово. Денес во мастирот престојува монашко братство кое како и добрите зрзевски домаќини секогаш ќе ве пречекаат срдечно со кафе, благо и домашна ракија, што ќе ви дојде како поткрепа за изгубената енергија искачувајќи се до манастирот.
„Св. Jоаким Осоговски“
Mанастирот „Св. Jоаким Осоговски“ се наоѓа на неколку километри од градот Крива Паланка, на падините на Осоговските Планини. Манастирот е познат и по името Сарандопор – по местото каде што е изграден. Нудејќи ја можноста да се почувствува како минатото и историјата живеат во сегашноста, тој плени со својата духовна, архитектонска и уметничка убавина и вредност. По подигнувањето, манастирот постојано привлекувал внимание, при што бил посетуван од важни историски личности. Меѓу нив се спомнуваат Стеван Дечански, турскиот султан Мехмед II, и други.
Смоларски водопад
Водопад сместен на северните падини на планината Беласица, по текот на реката Ломница, на надморска висина од 600 м во регионот на селото Смолари. Вкупната височина на вертикалниот отсек на Смоларскиот водопад изнесува 39,5 метри. Водопадот е тектонски предиспониран со раседна структура која лежи попречно на правецот на течењето на водата на Смоларска река. На дното од водопадот формиран е џиновски лонец, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува 5 метри, широчината е 11 метри, а длабочината се движи од 0,5 до 0,7 метри.Смоларскиот водопад е единствен постојан водопад во Македонија со пад на водата од 39,5 метри.Смоларе е како повеќето села во Македонија, мало село во кое живеат љубезни и гостопримливи луѓе. Но ова село има посебно богатство скриено во планината, Смоларскиот водопад.
Тресонче
Тресонче е едно од најстарите села во Република Македонија. Се наоѓа во срцето на планината Бистра, во западна Македонија, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка река. Во близина на ова село се наоѓа пештерата Алилица, над овој пештерски систем се наоѓаат изворите на Тресонечка река, каде што се наоѓаат 12 водопади. Тресонче е село од каде се родиле и сe уште се раѓаат уметници, зографи, копаничари, свештеници, монаси, сточари, министри.
Моноспитовско Блато
Во минатото големо езеро и дом на предисториска флора и фауна, денеска засолниште на ретки и ендемски видови организми, Моноспитовското Блато крај Струмица претставува предизвик за разни научници кои тука прават истражувања со децении. Во последните години со финансирање од европските фоднови, просторот во овој музеј на природни реткости е освежен со платформи и мрежа од дрвени патеки по кои може да се чекори над блатото, како и дрвени куќички за набљудување на птиците. На тој начин туристите и посетителите можат да уживаат во прекраснот природен амбиент на еден од ретките уникатни еко системи на Балканот, чувствувајќи го мирисот на алгите, трските, папратта, звукот на барските птици…
Еве уште предлози на интересни места во Македонија кои можеш да ги посетиш.
Раскажи ни кои места ги посети, што виде, што ново откри, и секако испрати ни и фотографии!
Пиши ни на libi@literatura.mk!