Фараон е владетел на египетската држава. Фараоните биле сопственици на големи имоти. Населението на Египет се делело на повеќе слоеви. Најбогат слој се роднините, соработниците, војсководците и свештениците на фараонот. Тие живееле во убави раскошни куќи, палати и дворци, а свештениците живееле во храмови. Во градовите живееле и слободни луѓе, а тоа биле трговците и занаетчиите. Најброен слој во Египет биле селаните. Тие работеле на имотите на египетските фараони. Најтешка работа имале робовите. Тие работеле на градилиштата, во рудниците и веслале со бродовите. Фараоните добивале најголема поддршка од своите свештеници и од војската. Се верувало дека по смртта на фараонот, тој продолжувал да живее задгробен живот. Поради тоа биле закопувани со најразлични предмети и со храна. Многу често фараоните биле сликовито прикажувани и како богови. Египетската држава, со извесен прекин, опстојувала до триесет и првата година пред нашата ера, кога потпаднала под римската власт.
Гробниците на фараоните привлекуваат внимание на голем број туристи од целиот свет. За жал, научниците стравуваат дека е можно токму најбогатите гробници, што се наоѓаат во Долината на кралевите во Египет, да исчезнат за 150 до 500 години, ако останат отворени за туристите.
Тоа е заради влагата и мувлата што ги уништуваат ѕидовите, но и заради лошата вентилација и дишењето на илјадниците туристи, кои, пак, предизвикуваат штета на резбите и на цртежите во внатрешноста на гробниците.
Долината на кралевите и на кралиците, каде што почиваат античките династии на Египет, е дом на легендарните фараони, како Тутанкамон и кралицата Нефертити.
Тутанкамон (вистинско име Тутанкатен) е можеби најпопуларниот меѓу сите египетски фараони. Живеел во 14 век пред нашата ера, од 1333 до 1323 година и ù припаѓа на осумнаесетта династија.
Дошол на престолот на околу осумгодишна возраст и бил советуван да се пресели назад во Мемфис од Ахетатон, градот на таткото на неговата сопруга и негов претходник, Ахенатон.
Затоа што неговото име било меѓу „проколнатите“ на кралските списоци на XVIII династија, местото на неговиот гроб било заборавено, а просторијата во која бил закопан не била отворена сè до 1923 година, кога била пронајдена од страна на Хауард Картер (1873 – 1939). Благодарение на неговите богатства, Тутанкамон, веројатно, останал најпознат меѓу фараоните, и покрај неговата рана смрт.
Не е сигурно кои биле родителите на Тутанкамон. Се спомнува дека е кралски син, но не се знае точно од кој крал. Најголемиот број научници смета дека му бил син на Аменхотеп Трети или на Аменхотеп Четврти. Кога Тутанкамон го наследил престолот од Акхенатон, Аменхотеп Трети бил веќе мртов. Тутанкамон владеел со Египет меѓу девет и десет години. Испитувањата на неговата мумија покажале дека тој бил многу млад кога умрел. Се претпоставува дека имал само 19 години.
Тутанкамон бил оженет за Анкесенпатен, Акхенатовата ќерка. Анкесенпатен подоцна своето име го сменила во Анкесенамун. Познато е дека имале две ќерки, кои биле родени мртви и нивните мумии се наоѓаат во гробницата на Тутанкамон. Инаку, Анкесенамун била ќерка на Нефертити, која била позната по својата убавина.
Во третата година од владеењето на Тутанкамон (веројатно во 1331 г. пр.н.е.), кога тој имал 11 години (веројатно под влијанието на Аи), старата египетска религија повторно станала официјална религија, а Теба повторно е прогласена за главен град. Младиот фараон своето име го променил од Тутанкатен во Тутанкамон. Се претпоставува дека поголемиот дел од неговите одлуки ги донеле други, бидејќи тој бил многу млад.
По смртта на Тутанкамон, Акхесенатон се омажила за Аи, можно е под присила, и набрзо ја снемува од пишаната историја. Тутанкамон бил наследен од Аи, а набрзо потоа, Хоремхеб, кој ги тргнал поголемиот дел од трагите на владеењето на Акхенатон, Тутанкамон и Аи.
Причината за смртта на Тутанкамон долго време на била позната. Телото првпат било испитувано од тимот на Хауард Картер, во деведесеттите години на дваесеттиот век. Во 2005 година, египетскиот археолог Захи Хавас ги изнел резултатите од истражувањата на Тутанкамоновата мумија, кои не укажуваат на фактот дека е убиен. Постоела дупка на главата, но се смета дека настанала за време на обредите на мумифицирањето. Постојат истражувања што укажуваат на тоа дека Тутанкамон ја скршил ногата и можно е да умрел од инфекција. Има и други претпоставки за неговата смрт од маларија во комбинација со наследната болест на коските – некроза.