Бил основан во 1971 година од страна на неколку членови на Советот за грижа и воспитување на децата: Александар Џамбазов, Васил Пујовски и Благоја Јордановски.
Првото издание на фестивалот било одржано на 23 мај 1971 година, во Драмскиот театар во Скопје.
Низ годините, на него своите први настапи ги имале повеќе македонски музички ѕвезди, како: Калиопи, Тоше Проески, Влатко Илиевски, Симон Трпчески, Ана Дурловски, Давид Темелков, Игор Џамбазов итн. Подготовките за секое издание на фестивалот вообичаено траат околу седум месеци, при што се одржуваат по неколку проби неделно.
Фестивалот обрнува посебно внимание на изборот на децата кои треба да пеат, т.е. се внимава текстот на песната да биде соодветен на детето кое пее.
Инаку, во рамките на фестивалот работи постојаниот хор „Златно славејче“, што ги придружува пејачите на сцената.
Традиционално, првиот ден од секое издание на фестивалот има хуманитарен карактер и е наменет за децата со специјални потреби.
Исто така, на фестивалот вообичаено учествуваат и гости од странство.
Инаку, фестивалот нема натпреварувачки карактер и на него не се доделуваат награди.