Бајка е кратка приказна која обично содржи измислени карактери, како што се самовили, гоблини, тролови, џуџиња, џинови, сирени или гномови, и многу често магии. Не може точно да се каже кога настанале бајките. Бајки постојат илјадници години и тие се пренесувале „од колено на колено“, односно се прераскажувале од баби и дедовци на деца, па затоа се сретнуваат во најразлични варијации. Приказните наместо да бидат запишувани, биле драматично раскажувани или одигрувани и пренесувани од генерација на генерација. Бајките и делата изведени од нив се пишуваат до денес.
Порано бајките не биле наменети само за децата, туку и за возрасните, но почнале сè почесто да се адаптираат за деца. Браќата Грим својата збирка ја насловиле „Детски и домашни приказни“, со што врската со децата само се зајакнала низ времето.
Наш најголем собирач на народни приказни, бајки, басни, песни и други умотворби од нашето народно творештво, е Марко Цепенков. Тој бил роден во Прилеп во 1829 година. Од сите собирачи на македонското народно творештво, Марко Цепенков најдолго собирал и запишувал народни умотворби – повеќе од 40 години. Тој собрал и запишал: 5500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, потоа речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната аргономија и сл. Своите запишани умотворби Марко Цепенков ги собрал претежно од Прилеп и неговата околина, но и од Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско.
Едицијата „Бајки од Македонија“ е составена од четири бајки, односно македонски волшебни приказни кои претставуваат дел од нашата усна традиција. Овие приказни, собрани од Марко Цепенков и Танас Вражиновски, сега се преточени во модерни сликовници, адаптирани на модерен јазик и прилагодени на децата.
Илустрациите за „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Девојчето и дванаесетте месеци“ и „Вејко Северко“ ги изработи илустраторката Катерина Николовска, чие идејно решение беше избрано за најдобро на конкурс, а адаптацијата на текстот е Билјана С. Црвенковска.
По бајките, од печат излезе и новата едиција „Басни од Македонија“ – волшебни народни приказни во модерно издание. Собрани од Марко Цепенков, адаптација на текст Билјана Црвенковска, илустрации Катерина Николовска.
Басните се кратки приказни или песнички во кои најчесто главни ликови се животните , со кои се опишуваат човечки особини. Така на пример, лисицата е итра, мравката е вредна, зајакот е наивен и слично. Ликовите во басните можат да бидат и луѓе, растенија, предмети и природни појави. Секоја басна има поука (наравоучение), со која авторот сака да покаже како некои човечки особини се добри, а други не се. Често лошите особини се опишани со исмевање – тоа се најчесто: алчност, лекомисленост, фалбаџиство, себичност, завидливост, мрзливост.
Најпознат и најстар баснописец е Езоп, за кој се претпоставува дека живеел пред 8000 години. Неговите басни се ширеле со прераскажување и се смета дека се сочувани во приближно истата форма. Се смета дека има напишано 426 басни, а најпознати од нив се: „Лавот и глушецот“, „Лисицата и лавот“, „Магарето, петелот и лавот“ и многу други. Покрај Езоп, други познати баснописци се и Ла Фонтен, Лесинг, Крилов и други.