belgija

Белгија е една од земјите каде што се зборува и францускиот јазик, тоа е држава што се наоѓа во западна Европа и граничи со ХоландијаГерманијаЛуксембургФранција и Северно Море.

 

Иако на прв поглед можеби не изгледа занимлива, сепак има многу интересни нешта врзани за оваа земја кадешто се наоѓа и седиштето на Европската унија, Брисел.

 

Она што на сите нам прво ни паѓа напамет кога ќе се спомене Белгија е познатата белгиска чоколада, но еве како дошло до тоа. Имено, во 1857 година еден швајцарски имигрант со име Жан Нојхаус основал компанија за чоколада, бисквити и сладолед. А во 1912 година неговиот внук Жан Нојхаус II ги создал првите чоколадни бонбони кои ги нарекол пралине (praliné).

 

Исто така, вреди да се спомене дека првата зграда облакодер во Европа е изградена токму во Белгија и тоа во градот Антверпен во 1932 година. Се работи за зградата Boerentorn, висока 87.5 m.

 

Интересен факт за Белгија е и тоа што таму всушност се измислени првите пржени компричиња. А дали знаете зошто воопшто го имаат оној облик што го имаат? Некои историски извори велат дека идејата компирчињата да се сечат по должина доаѓа според обликот на малите рипчиња. Кон крајот на 17 век во областа помеѓу местата Динан и Лиеж било вообичаено да јадат пржени рипчиња за ручек, но кога реките ќе се замрзнеле толку многу и не можело да се ловат и пржат рипчиња, како замена луѓето почнале компирот да го сечат на ленти вооблик на мало рипче и да го пржат.

 

Еден од најпопуларните детски стрипови во светски рамки, исто така доаѓа од Белгија. Се работи за серијата стрипови со наслов „Авантурите на Тинтин“ (Les Aventures de Tintin) кои биле создадени од илустраторот Жорж Реми, попознат по името Ерже (Hergé). Главниот јунак на овој стрип е Тинтин, млад белгиски репортер кој постојано патува низ светот и доживува разноразни авантури, а неговиот најверен пријател е песот Снешко.

Еден од најпознат литературни ликови кој е Белгиец по потекло е и Херкул Поаро, прочуениот детектив од романите на британската писателка Агата Кристи. Се појавува во 33 романи и над 50 кратки раскази во периодот меѓу 1920 и 1975 година.