prazivotni

Во праисторијата живееле многу интересни животни. Некои од нив изгледале навистина чудно. 
Или можеби нам ни изгледаат чудно на сликите кои се нацртани според пронајдените фосили.
Овде можете да прочитате за неколку од нив.

Глиптодон (Glyptodon)

Глиптодоните биле големи цицачи со оклоп, роднина на денешните армадилја и мравојади. Живееле во Јужна Америка. Биле со големина на еден автомобил, со должина од околу 3,3 метри и висина од околу 1,5 метар. Тежеле околу 2 тона. Имале огромен оклоп сличен на оној кај желките. Тој бил дебел и до 2,5 центиметри и служел за заштита. Се хранеле со растенија. Според некои податоци, праисториските луѓе ги ловеле овие животни, а нивните оклопи ги користеле како засолниште.

Епидексиптерикс (Epidexipteryx)

Овие мали диносауруси наликувале на птици и ни откриваат многу нешта за еволутивната историја на птиците. Немале пердуви за летање, но затоа имале четири долги украсни пердуви на опашката. Тие живееле во периодот пред 152 до 168 милиони години на територијата на Кина. Тие се всушност доказ дека пердувите се појавиле неколку милиони години пред да почнат да се користат за летање. Овие диносауруси биле едни од најмалите, со висина само до 25 центиметри и тежина од околу 160 грама.

Танистрофеус (Tanystropheus)

Танистрофеусот е долг влекач кој достигнувал должина од околу 6 метри. Само нивните вратови биле долги 3 метри. Се претпоставува дека тој се хранел со риби. Многу веројатно е дека овој вид влекачи лежеле на плажите и го ловеле пленот со помош на долгите вратови. Се претпоставува и дека тие можеле и да пливаат доколку имало потреба за тоа.

Дунклеостеус (Dunkleosteus)

Дунклеостеусот е еден вид на праисториска риба и едно од најстрашните суштества кои некогаш живееле во океаните. Оваа застрашувачка риба достигнувала должина и до 10 метри и тежина до 4 тони. Се смета дека овие животни ја имале најсилната вилица во живиот свет до сега. За тоа сведочат остатоците од нејзината глава што личела на оклоп. Таа е воедно и најголемата изумрена риба од групата Плакодерми, односно оклопни риби.

Деинотериум (Deinotherium)

Овие животни, чие име потекнува од грчките зборови деиос (δεινός) што значи страшен и терион (θηρίον) што значи ѕвер припаѓаат на иста фамилија со модерните слонови. Тие биле високи од 3,5 до 4,5 метри, но не се сметаат за страшни заради својата големина, туку заради двата надолу свиткани заба кои им излегувале од долната вилица. Овие заби им служеле за ископување на корењата со кои овие животни се хранеле. Имале многу покуси сурли од денешните слонови. Динотериумите претставувале едни од најголемите цицачи кои досега живееле на нашата планета.

Епидендросаурус (Epidendrosaurus)

Епидендросаурусот е најстариот познат примерок кој се адаптирал за живот на гранките на дрвјата, што претставува важен чекор во еволуцијата на птиците. Она што е најзабележливи кај овој диносаурус е третиот прст кој е двапати подолг од останатите два. Се претпоставува дека со помош на овој долг прст тој ископувал инсекти со коишто се хранел.

Шаровиптерикс (Sharovipteryx)

Овој вид диносауруси не летале, туку едреле, користејќи се со крилјата за да ги премостат големите воздушни растојанија од гранка до гранка.  Интересно е тоа што шаровиптериксите на задните нозе имале мембрана која наликувала на широки крилја и служела за летање, а предните нозе им биле многу помали и им служеле за одржување на рамнотежата. Имале должина од само 20 центиметри.

Стетакантус (Stethacanthus)

Стетакантусите биле далечни роднини на денешните ајкули. Ајкулите останале релативно непроменети низ еволуцијата, но сепак наоѓаме сведоштва за постоење на некои необични видови, каков што е Стетакантусот. Овие морски животни имале должина околу 70 центиметри и имале чудна грбна перка во вид на наковална со мали иглички по нејзината површина. Сличен таков израсток имале и на главата. Се претпоставува дека оваа перка служела за додворување, но можеби и за одбрана од непријателите. Градните перки личеле на оние кај денешните ајкули, но имале и продолжетоци во вид на камшици. Овие суштества биле спори и живееле на дното на океаните и се хранеле со морски животни.

Kористи го компјутерското глувче за да ги погледнеш долните праисториски животни од сите страни.

Со тркалцето на глувчето ќе можеш да се доближиш или одалечиш од животните.

Неверојатни се, зарем не?!

Дунклеостеус (Dunkleosteus)

Движење на Брахиосаурус

Brachiosaurus Walk Cycle by Kyan0s on Sketchfab

 

Стетакантус (Stethacanthus)

Пливање на Лиоплеуродон

Liopleurodon Ferox Swim Cycle by Kyan0s on Sketchfab